Состојбата на патиштата: Сообраќајот се одвива непречено, засилен проток на неколку гранични премини
Според информациите од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ), сообраќајот на државните патишта низ земјава се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од урбаните средини е умерен.
На граничните премини Табановце (влез во државата) и Богородица (излез од државата) се бележи зголемена фреквенција на возила, при што времето на чекање е помеѓу 15 и 20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна не се евидентирани подолги задржувања при влез или излез од земјата.
АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација, како и внимателно да управуваат со возилата, особено на делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои зголемена опасност од одрони. Посебно ризични се патните правци:
Катланово – Велес
Маврово – Дебар – Струга
Виница – Берово
Кочани – Делчево
Воедно, АМСМ потсетува дека во периодот од 1 јули до 31 август е на сила летен времен режим на сообраќај, со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони за време на викендите и за време на денови со екстремно високи температури.
Возачите се повикуваат на трпеливост, претпазливост и почитување на препораките за безбедно патување.






