Со ребалансот на Буџетот за 2020 година што е во собраниска процедура, се обезбедуваат 470 милиони евра за четвртиот сет економски мерки за помош на граѓаните погодени од здравствената криза како и за заживување на економијата. Од нив, 27,6 милиони евра ќе бидат наменети за домашни платежни картички во вредност од 6.000 денари, истакна пратеникот од СДСМ, Илија Николовски.
Тој појани дека со оваа мерка, над 180.000 пензионери со пензија до 15.000 денари ќе добијат домашни платежни картички со кои ќе можат да пазаруваат домашни производи.
Покрај пензионерите со минимална пензија, платежни картички ќе добијат и лицата што се над 64 години, а немаат пензија, ниту државна социјална пензија и се со приходи пониски од 15.000 денари, или воопшто немаат приходи.
-Ова е вистинска грижа за нашите највозрасни сограѓани и ги повикувам колегите пратеници од сите политички партии да дадат поддршка и да го изгласаме ребалансот на Буџетот за 2020 година – рече Николовски.






