Имала ли закани Данела Арсовска од Христијан Мицкоски? Скопската градоначалничка веќе подолг период говори за ова, но во синоќешното „Само интервју“ на Канал 5 ТВ и директно го посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, цитирајќи заканувачки пораки кои, како што тврди, ги добила од Мицкоски..
Арсовска вели дека немала никаков предизборен договор со ВМРО-ДПМНЕ за поделба на моќта во Град Скопје, и смета дека е изложена на жестоки притисоци и политичка одмазда бидејќи одлучила функцијата да ја извршува самостојно, а не под диктат на партијата..
– Јас – да, сум имала закани од Христијан Мицкоски. И тоа конкретно, лично и директно. Со зборовите – „доколку не го направиш ова, ќе ти се случи тоа и тоа. Во првиот момент кога ќе станам премиер ќе те влечеме по улици, ќе го бришеме подот со тебе“. Знаете што, верувам дека не жена, туку ниеден човек не треба да биде ставен под таков притисок, изјави Арсовска.
Веднаш по интервјуто, експресно реагираа од ВМРО-ДПМНЕ од каде најавија тужба против скопската градоначалничка за ваквите наводи. Од партијата и денеска ја обвинија за тајна коалиција со Ковачевски и за манипулации на јавноста..
-Ценам дека во овој момент треба да си ја провери деловната способност, дури и да побара стручна помош доколку цени, затоа што мислам дека за да се зборува за такви работи кои што никогаш не се случиле се граничат со некои други состојби, рече Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Со реакција се јавија и од СДСМ. Оттаму оценуваат дека наводите на Арсовска се доказ дека во ВМРО-ДПМНЕ ништо не е променето од, како што ја нарекуваат, насилничката матрица за време на 11 годишното владеење..
-Ако Мицкоски сега како шеф на опозициска партија се заканува на актуелен градоначалник, може да замислиме како тој ќе постапува ако по некоја случајност добие шанса да предводи централната власт. Ете што ги чека граѓаните со Мицкоски. Закани, насилство, навреди, влечење по улици, ништо добро. – изјави Кузеска од СДСМ.
И покрај раздивањето со ВМРО-ДПМНЕ што предвизика сериозни превирања во Град Скопје, сепак, Арсовска уверува дека градот нема да остане парализиран, а проектите кои ги ветила ќе бидат реализирани. Очекува дека советниците ќе се издигнат над партиските интереси и нема да го блокираат Буџетот за следната година, за да не се доведе во опасност функционирањето на градот.





