Со Оперативниот план за вработување за 2025 година, Владата предвидува обуки за над 2.000 лица, со посебен фокус на жени и млади до 29 години. Обуките ќе траат до три месеци, а секој учесник ќе добива месечен надоместок од 12.000 денари.
Целта на мерката е зголемување на вработливоста преку стекнување практични и пазарно релевантни вештини.
Детали за обуките:
Обука кај работодавач:
На оваа обука ќе учествуваат 245 лица, сите невработени и евидентирани во Агенцијата за вработување. Обуката ќе се одвива на реално работно место, кај конкретен работодавач. Приоритет ќе имаат жените, младите и долгорочно невработените.
Обучување за побарувани занимања:
Опфаќа 600 лица и е насочена кон области како што се социјалните услуги, зелената економија, трговијата и услужниот сектор.
Обуки за основни и напредни вештини:
Вклучуваат 720 лица и се однесуваат на компјутерски и јазични обуки, како дел од стратешкиот пристап за дигитална писменост.
Напредни ИТ и дигитални обуки:
Овие обуки се реализираат преку лиценцирани програми и опфаќаат 470 учесници. На крајот од програмата, секој ќе добие меѓународно признат сертификат, што значително ја зголемува конкурентноста на пазарот на трудот.






