Србија бара ослободување на сите уапсени Срби и начини за смирување на тензиите на северот на Косово и Метохија, изјави вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за британската агенција Ројтерс.
Во интервјуто, кое го даде по седницата на Советот за национална безбедност, Вучиќ повтори дека Србите на Косово и Метохија не смеат да учествуваат во насилството врз припадниците на силите на КФОР и ЕУЛЕКС.
– Никој, под никакви околности, не треба да учествува во нападите врз ЕУЛЕКС и КФОР – рече Вучиќ.
На прашањето дали Белград ќе се обиде да најде начин да ја деескалира ситуацијата на северот на Косово, тој кратко одговори „апсолутно“.
Агенцијата наведува дека Вучиќ ги обвини властите во Приштина и привремените институции на премиерот на Приштина, Албин Курти, дека поттикнуваат тензии со „безброј еднострани потези“.
– Секогаш кога некој ќе помисли дека нешто сме решиле, се појавува друг проблем – истакна Вучиќ.
Претседателот на Србија побара ослободување на неодамна уапсените Срби на северот на Косово бидејќи, како што нагласи, тие се држат под лажни обвиненија и дека косовската полиција треба да се повлече од северно Косово, во согласност со Бриселскиот договор.
– Косовската полиција нема што да прави на север… Особено луѓе вооружени до заби. Ова предизвикува непријатност и страв кај српското население – рече Вучиќ.
Српските демонстранти во северно Косово ги блокираа главните патишта во саботата по апсењето на поранешен српски полицаец.
По разгорувањето, ЕУ, САД и НАТО побараа воздржаност од двете страни и побараа отстранување на барикадите.







