Советот на ЕУ за правда и внатрешни работи денеска со 25 гласа „за“ и два „против“ го отфрли предлогот Бугарија и Романија да влезат во Шенген.
Како што беше најавено, Австрија и Холандија го блокираа приемот на Бугарија и Романија во Шенген.
Министерот за внатрешни работи Герхард Кернер ја оправда одлуката со големиот број нерегистрирани мигранти и барања за азил во Австрија и побара дополнителни мерки од Европската комисија.
Според Кернер, „не е во ред во овој момент да се прошири систем кој не работи на многу места“. Тој инсистираше да се одложи гласањето за прием на Бугарија и Романија: „Сега е погрешно време за овој чекор“.
Патот за приклучување на Хрватска во Шенген зоната е јасен, договорија министрите на 26-те земји од Шенген зоната на состанокот во Брисел.
Контролата на копнените граници на популарната туристичка дестинација ќе биде укината на почетокот на следната 2023 година.






