По три децении запоставување, жителите на Кисела Вода и околните населени места конечно ќе добијат реконструирана патна делница Драчево – Пеленица. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, го означи почетокот на овој капитален проект, дел од серијата значајни инфраструктурни инвестиции во општината.

„Ова е историски момент за Кисела Вода. Патот Драчево-Пеленица, долг 3.370 метри, конечно ќе добие нов лик и значително ќе го подобри квалитетот на живот на жителите. Со оваа реконструкција, која чини 25 милиони денари, ја покажуваме нашата заедничка посветеност кон развојот и благосостојбата на регионот,“ изјави Ѓорѓиевски.

Проектот вклучува поставување нов асфалт, изградба на тротоар од едната страна – нешто што досега не постоело – како и модерен систем за одведување на атмосферските води. Оваа сообраќајница е од витално значење, бидејќи ја поврзува општина Кисела Вода со селата и соседната општина Студеничани.
„Инфраструктурниот бум во Кисела Вода продолжува. По изградбата на новата детска градинка и реконструкцијата на спортската сала ‘Расадник’, денес го започнуваме и овој капитален проект кој ја докажува нашата заложба за напредок. Заедно со Владата, создаваме подобри услови за живот и развој,“ додаде градоначалникот.

Премиерот Христијан Мицкоски ја истакна важноста на овие проекти, подвлекувајќи дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции што директно го подобруваат животот на граѓаните.
Очекувањата се реконструкцијата да заврши за осум месеци, поставувајќи нови стандарди за безбедност, функционалност и ефикасност на сообраќајот во регионот. „Ова е само почетокот на најдоброто што допрва доаѓа за нашиот народ,“ увери градоначалникот Ѓорѓиевски.






