Постот е востановен од Бога со заповедта дадена на првите луѓе во земниот Рај – да
не јадат од дрвото за познавање на доброто и злото (1. Мој. 2, 17). Преку неа Бог сакал
уште на самиот почеток да ги научи луѓето на послушание и воздржување.
И нашиот Спасител, Господ Исус Христос, пред да започне со Своето искупително и спасително дело за човечкиот род, постел 40 дена (Мт. 4, 2), сакајќи со тоа да им остави поука и на Неговите
следбеници да постат. Следејќи го примерот на Господ Исус Христос, светата Православна
Црква уште од апостолско време одредила за своите верници пост, го определила времето
на постот и која храна да ја јадат христијаните за време на постот.
Во поглед на времето и бројот на постите, светата Црква утврдила да се пости во среда, петок и во четирите големи пости: Велигденскиот (Великиот) или Четириесетница, Петровденскиот, Богородичниот и Божикниот пост. Освен овие пости, светите отци на нашата Црква востановиле да се пости и на Водокрст (денот пред Богојавление) (5/18 јануари), на денот на Усекновението на
чесната глава на св. Јован Крстител (29 август/11 септември) и на празникот
Воздвижение на Чесниот Крст – Крстовден (14/27 септември).
Во среда и петок се блажи само во т.н. редовни седмици: од Божик до Водокрст, седмицата на митарот и фарисејот, сирната седмица (седмицата пред почетокот на светата Четириесетница), светлата седмица (првата седмица по Пасха) и духовденската седмица.
Бигорски манастир има издадено електронска верзија на Правила за пост кои може да ги погледнете на следниов линк:
https://bigorski.org.mk/wp-content/uploads/2018/03/pravila-za-postot.pdf






