Трамп: Путин нема да ја преземе цела Украина
Според поранешниот американски претседател Доналд Трамп, рускиот лидер Владимир Путин нема да успее да ја преземе цела Украина – и тоа, како што тврди Трамп, благодарение на неговото влијание. Во интервју за „ABC“, тој изјави дека амбицијата на Кремљ била целосна окупација на Украина, но оти сега Русија покажува желба за мир.
„Путин ја посакуваше цела Украина. Верувам дека ако не победев на изборите, тој ќе ја добиеше. Убеден сум дека сега е подготвен да ја запре војната. Не ми се допадна тоа што видов – проектилите што ги испрати во неколку украински градови. Тоа беше погрешно, како и целата војна воопшто“, рече Трамп.
Стејт департментот бара конкретни предлози
Од Стејт департментот пристигна јасна порака – доколку Русија и Украина не излезат со конкретни предлози за ставање крај на конфликтот, САД ќе се повлечат од улогата на посредник. Според портпаролката Тами Брус, решението зависи од двете страни, но трпението има граница.
„Како ќе продолжиме понатаму зависи од претседателот. Ако не видиме напредок, ќе се повлечеме од процесот на посредување“, изјави таа.
Зеленски: Безусловен прекин на огнот е првиот чекор
Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека Русија мора да направи јасни чекори кон завршување на војната, и тоа со безусловен прекин на огнот како прв и неопходен потег.
„Инсистираме на целосно и безусловно примирје како прв чекор. Русија треба да го стори тоа. Наместо да се грижат за своите паради, треба да бидат загрижени што војната се уште трае“, порача Зеленски.
Лавров: Украина ја менува позицијата
Од руската страна, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров го отфрли предлогот на Зеленски за итен прекин на огнот. Тој потсети дека претходно рускиот претседател Путин понудил 72-часовно примирје по повод Денот на победата.
„Сега, кога ситуацијата на фронтот не им оди во прилог, украинските власти ја сменија позицијата за 180 степени и почнаа да бараат примирје без предуслови. Ги поминавме веќе тие фази“, изјави Лавров.
На теренот – борбите не стивнуваат
Борбите продолжуваат, особено во Харков и Днепар. Рускиот ПВО-систем соопшти дека во текот на ноќта се уништени неколку украински беспилотни летала, што укажува дека конфликтот сè уште е далеку од завршна фаза.







