Македонија има гас за само две недели, велат српските медиуми кои ја коментираат вчерашната изјава на премиерот Димитар Ковачевски. Во сабота на 15 октомври ќе почне грејната сезона во Скопје, иако земјава има гас за само две недели работа на топланите, односно до 1 ноември, пишува српска “Политика”.
Претходно Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека земјава е подготвена да користи алтернативно гориво за затоплување на домови, училишта, градинки, деловни простории, министерства, имајќи предвид дека топланите можат да работат на гас и мазут.
„Годинава направивме се Скопје да има парно на 15 октомври. Не беше лесно со оглед на екстремно високата цена на гасот. Но, со оглед на краткорочното поевтинување на гасот и договорот што Макпетрол го има со добавувачот со кој традиционално работи, сумата за работа на топланата е обезбедена до крајот на октомври. А, доколку гасот енормно поскапи, државата е подготвена да ги затоплува домовите на граѓаните на алтернативно гориво“, рече Ковачевски.
Премиерот рече дека до 1 ноември гасот го обезбедува Мекпетрол по цена од 1.713 евра за 1.000 кубни метри гас.
До крајот на грејната сезона ќе се утврди концептот на греење, односно енергија во зависност од тоа дали и во каков режим ќе работи гасната централа ТЕ-ТО, која како нуспроизвод од производството на електрична енергија испорачува топлинска енергија,“ соопштија од компанијата.
Доколку не се набави гас за топланите (Исток, Запад, Скопје-Север и онаа во Железара), тогаш главниот град ќе мора да се загрева на мазут, се вели во соопштението, пренесе Танјуг.






