Со колаж од фотографии на кои бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски е фотографиран во македонската влада, ВМРО-ДПМНЕ сака да покаже дека финансиерот на фашистичките клубови, всушност, бил главен гостин на СДС.
Милен Врабевски, за кој медиумите пишуваат дека е главен финансиер на фашистичките клубови Ванчо Михајлов и Цар Борис беше главен гостин во владата на Заев. Луѓе околу Заев се луѓето кои ги отвораат фашистичките клубови, тоа и самиот Заев го има кажано јавно на бугарска телевизија. Дали СДС ќе се огради од Заев, зошто ако не се оградат, тие се само продолжување на неговата политика, која гледаме дека верно ја следат. СДС на дезертерот Ковачевски практично овозможи да се отворат фашистички клубови, и не презема ништо да го спречи нивното отворање, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Зад културните центри „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис“ во Охрид стои бугарскиот тајкун д-р Милен Врабевски. Поддршката на центрите е дел од долгогодишната програма на Врабевски и Фондацијата Бугарско сеќавање за прекугранична соработка, интеграција и европска перспектива на сонародниците во Македонија.
Во Бугарија е познат како филантроп кој е основач на Фондацијата „Бугарска меморија”, а во земјава неговото име стана актуелно кога лани во мај овозможи македонски граѓани да бидат вакцинирани против Ковид-19 преку неговата компанија ,,Комак Медикал” на граничните пунктови Станке Лисичково – Делчево и Златарево – Ново Село.
Тој не крие дека бугарските клубови во земјава се отворени со негово спонзорство и често дава изјави на темава во тамошните медиуми.
Врабевски освен што е доктор, е и сопственик на голема компанија за клинички истражувања. На почетокот на пандемијата, тој донираше и заштитна опрема на болници во Македонија.







