Од полноќ државјаните на Македонија ќе можат да патуваат кон Косово и Србија без да покажат негативен ПЦР тест.
„Нашите граѓани ќе можат да патуваат во соседните земји, без потреба од ПЦР тест. Како што знаете, со Албанија можеме да ја преминеме границата и граѓаните на Албанија можат да дојдат кај нас без да покажат тест и се надевам дека ова ќе започне со Косово и Србија утре, бидејќи владите на тие земји беа позитивни за отворање на границите”, изјави Груби.
На еден час пред да стапи на сила одлуката дека не е потребен негативен ПЦР тест за влез во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, владата соопшти дека, сепак, оваа одлука нема да важи. Причината е влошувањето на состојбата со ковид-19 во регионот и големиот број на позитивни случаи.
Влезот на македонски граѓани во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина нема да биде дозволен без приложување негативен ПЦР тест кој не е постар од 48 часа од моментот на влез во овие земји“, соопштија доцна вечерва од Владата.
За патување во Косово, пак, останува да важи одлуката дека не е потребен ПЦР тест и таа стапува на сила на полноќ.
Од Владата велат дека во зависност од тоа како се развива епидемиолошката состојба во регионот, во деновите кои следат има можност да ја ревидираат одлуката за влез на државјани на овие земји во Македонија без ПЦР тест.






