Речиси два месеци Зоран Ристовски од Скопје нема терапија за неговата сериозна болест – хронична миелоична леукемија. Тој повеќе од 25 години живее со оваа дијагноза и во живот го одржува редовното и навремено пиење на лековите. Но сега тендерските процедури и глобалните проблеми со фармацевтските компании му предизвикуваат на Зоран дополнителни стресови и нарушување на здравјето.
– Не одам на контроли нема зошто, нема лекови. А зошто да одам… ми прави стресови, поспаност треба секој ден да ги пијам овие лекови, вели Зоран Ристовски, пациент од Скопје.
– За пациент со хронична миелоична леукемија немањето на лекови е катастрофално. Знаете како, подобро таков пациент да го оставите без вода и леб отколку без лекови, вели Пепо Леви претседател на здружение на пациенти со ХМЛ.
Од Клиниката за Хематологија велат дека не е крива здравствената установа бидејќи тендерот навреме бил завршен.
– Ние завршивме со тендерот на време, меѓутоа компанијата што го произведува лекот не може да ни го достави до крајот на октомври и тоа значи дека не е кривицата ниту на клиниката ниту на здравствените власти, вели Ирина Пановска директор на Клиника за Хематологија.
Дел од терапијата за пациенти со ХМЛ не е на позитивната листа и затоа и овие здруженија се потпишани на документот до здравствените власти за итно ревидирање и достапност на нови лекови. Но министерот за здравство не даде конкретен одговор како и кога ќе бидат исполнети приоритетните барања.
Пациентските здруженија велат дека неколку години наназад доцнењето на тендери ги остава без соодветно лекување. Сега стравуваат и од се почестото затворање на претставништва на фармацевтски компании во нашата земја што дополнително ќе биде ризик за недостиг на терапија.






