Инфективните одделенија забрзано се пополнуваат низ целата држава. Вчера без слободни места останале Куманово, Струмица, Велес и вкупно 18 пациенти со ковид-19 биле препратени во болниците во Скопје. Министерот Венко Филипче вели дека пoследниве денови повеќе пациенти се примаат во болниците, отколку што се испишуваат. На скопската Инфективната клиника има уште 10 слободни кревети, а на чекор до активирање е монтажната болница.
„Модуларната болница до Инфективната клиника е подготвена и таа може да биде во функција. Имаме и кадар кој што е подготвен да ја менаџира работата физички на пациентите кои ќе бидат сместени тука. Опремата е веќе таму, таа може веднаш може да биде во функција“-рече Венко Филипче – министер за здравство.
Освен пополнетост на капацитети, проблем е и заминувањето на докторите и медицинските сестри од инфективните одделенија на државните клиники во приватните болници. Една докторка од Инфективната клиника дала отказ, а дефинитивно заминуваат и трите сестри кои не ги разубедила и средбата со министерот. Најава за заминување има и од шефицата на инфективното одделние во болницата „8 септември“.







