Во текот на јули домаќинствата за нецелосен јули платиле околу 430.000 евра за струја за надминување на „границата на толеранција на потрошувачката“.
Вкупно 2.150 домаќинства, според испорачаните сметки на ЕВН Хоме за наплата за месец јули, ги надминале трите блока во потрошувачката на електрична енергија од новововедениот тарифник кој стартуваше со примена на почетокот од минатиот месец и навлегле во четвртиот, кој се смета за екстремно скап и се наплаќа по потрошени 1.050 киловатчасови за секој нареден.
Тоа се околу 0,3 проценти од вкупниот број на корисници, според базата на податоци на универзалниот снабдувач, но реално од таму очекуваат бројките да се поголеми затоа што календарски не e опфатен целиот месец.
Бројките за месец август се очекува да бидат поголеми, бидејќи како што велат од ЕВН, јулските фактури за домаќинства се фактури кои не го опфаќаат цел месец јули поради ротирачкото отчитување на броилата , односно тие се комбинација од енергија потрошена дел во јуни и дел во јули.






