Обвинителката Вилма Русковска бара странска и владина помош против притисоците од владиниот функционер Муареми, откако тој претходно најави кривична пријава против неа и уште две обвинителки кои минатиот месец направија претрес во Управата за финансиска полиција.
Шефицата на Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Вилма Русковска вечерва преку писмено обраќање ги повика на помош амбасадите на САД и ЕУ, владата и јавноста од, како што го нарече, загрозувачкиот притисок од претставник на владата, односно директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми кој е под истрага, а кој денеска се закани дека на Русковска и на две други обвинителки од обвинителството ќе им поднесе кривични пријави.
„Ги повикувам сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ еднаш засекогаш да се проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот. Исто така ја замолувам и Европската обвинителка Ковеши, доколку е во можност, да дојде и да ги провери сите предмети на ОЈО ГОКК откако јас сум на чело на Обвинителството, со посебен осврт на предметите за Драги Рашковски, Мухамед Зекири и овој најновиот за Арафат Муареми“, пишува Русковска.







