„За да се отвори вратата за пасхалното просвештение има еден клуч: нашата добра волја. Самите треба да посакаме. Како разбојникот на крстот кој посакал да биде со Христа. Иако во ужасната драма на Голгота тој бил праведно осуден, заедно со другиот разбојник од левата страна, сепак, во сиот тој страотен метеж и агонија, постапил благоразумно, богољубиво, го пронашол вистинскиот пат. Го познал Христа, распнатиот до него, Го исповедал како Бог и побарал живот вечен.
Мили мои, во метежот во кој денес се наоѓаме, обиколени од лажните надежи и залудните конформистички трки, да Го побараме, подобно на разбојникот, Христа распнатиот и воскреснатиот и да Му повикаме: ‘Спомни си за мене, Христе, во Царството Твое.
Просветли ме и благослови ме!’ И Тој нема да нè остави, бидејќи е Бог Кој доброволно избра да пострада за нас, да биде распнат и да воскресне. Тој не е тиранин што сака да владее над нас со сила. Самиот ни ја подарил и ја почитува нашата слободна волја, можноста во слобода да Го избереме и да извикаме кон Него: ‘Те љубам Христе, дојди во моето срце и просветли ме!’“
† Старец и Епископ г. Партениј Бигорски






