Поранешниот премиер Зоран Заев денеска, преку својот фејсбук профил, порача дека годишнината од членството во НАТО е момент на кој сите се сеќаваме со гордост.
-Изминавме долг пат кој го занемаривме од дента кога горди го гледавме македонското знаме како се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел. Ден кој е историја. Важно предание за нашите поколенија. Вредеше, мој народе! Остварувањето на вековниот сон на нашите револуционери. Обезбедувањето сигурност за сегашноста. Обезбедувањето иднина за младите. Вредеше! Да му се радуваме со гордост на овој ден!, напиша Заев.
Според него, излеговме од изолацијата за денес да носиме одлуки со најмоќните.
-Годишнината од членството во НАТО е повод кој го буди секое македонско срце. Момент на кој сите се сеќаваме со гордост. Денес, кога беснее разорна војна, гледаме колку е значајно тоа што ние сме НАТО. За секој граѓанин денес да биде спокоен, за домот ни е сигурен и безбеден – вредеше! Тргнавме со лузни од крвави удари по дома и раб на граѓанска војна. Се изборивме за реформи кои нѐ трансформираа од заробена држава во демократија. Излеговме од изолацијата од светот, за денес да носиме одлуки за нашата судбина рамо до рамо со најмоќните во светот, напиша Заев.






