Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, тврди дека неговиот вчерашен нацистички поздрав во Европскиот парламент бил само невино мавтање.
„Фактот што некој не се согласува со вас не значи дека е нацист. Се извинувам ако моето невино мавтање навреди некого“, се огласи на Твитер Џамбаски по скандалот, пренесе СДК.
Џамбаски предизвика скандал на вчерашната седница на европарламентот, откако на заминување од пленарната сала, качувајќи се по скалите направи нацистички поздрав. На седницата се расправаше за владеење на правото во Полска и Унгарија, а тој застана во одбрана на владејачките партии во двете земји, Закон и правда и Фидес и нивните основачи Качински и Орбан.
Францускиот државен секретар за европски прашања, кој беше присутен во пленарната сала на европарламентот во Стразбур, го нарече гестот на Џамбаски „скандалозен и шокантен“.
Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола рече дека „фашистички поздрав во Европскиот парламент е недозволив, секогаш и секаде“.
„Ме навредува мене и сите во Европа“, додаде таа.







