Зоран Заев ја поднесе оставката од премиерската функција. Во известувањето до Собранието и спикерот Талат Џафери, Заев напишал дека нема намера оставката усно да ја образложи.
Заев оставката ја најави веднаш по поразот во вториот круг на локалните избори, откако претходно функцијата премиер ја заложи во градоначалничката битката за Град Скопје. Откако го загуби Скопје, но и поголемиот дел општини Заев изјави дека ќе поднесе оставка која неколку пати досега ја одложуваше со образложение дека го чека датумот за преговори со ЕУ.
Откако стана извесно дека Бугарија нема да попушти и да дозволи датум за Македонија, Заев реши да ја поднесе оставката веднаш по годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски во Собрание.
Според документот кој го објави ТВ24, Заев го наведува тоа што го постигнал со Грција кога го смени името и државата стана членка на НАТО. Напиша дека постигнал траен мир, безбедност и економски добробит за народот.
Тој додава дека времето ќе покаже дека оваа негова одлука е во согласност со определбата за одговорност за тешки одлуки.
Наследник на Заев треба да биде новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.









