Стружанецот Никола Петрески скоро еден месец три пати неделно обезбедува бесплатен оброк за ранливите категории граѓани. На ваква идеја дошол поради зголемениот број на негови сограѓани кои имаат потреба од храна.Иако на почетокот бројот на оние кои доаѓале бил мал сега дневно како што вели има по 27 лица кои земаат топол ручек. За новогодишните празници планира да подели околу 500 оброци.
Никола вели дека моментално соработува со две компании кои донираат храна и се надева во неговата идеја да се приклучат и останатите угостителски објекти,за храната која останува наместо да се фрла, да завршува онаму каде е најпотребна.
Стружанецот не застанува тука апелира до сите оние кои се во можност да земат поактивно учество со цел подобрување на условите за живот на сите граѓани.
Ваквата иницијатива, како што вели Никола, предизвикува разни чувства кај луѓето, но празниот стомак ги тера да заборават на гордоста.
„Луѓето се срамат да побараат храна. Имав замисла да се доставува по куќи каде што има потреба, но мислам дека тоа би било навредливо за нив. Од таа причина информации даваме по социјалните мрежи и бројот на оние кои доаѓаат по храна постојано расте“, вели Петрески.
Тој најави 500 топли оброци за новогодишните празници и ги повика компаниите и хуманите граѓани да се приклучат на иницијативата и да помогнат со донација на храна.
„Луѓето се гладни и беспомошни. Една жена дојде по храна и замоли за прибор за јадење оти дома немала ниту лажица ниту виљушка. Во друг случај дојде мајка со три дечиња, беше на крај од работно време и немав за сите храна. Им дадов едно пакетче во кое имаше три батаци и ориз. Беа среќни насмеани, но сепак гласот на мајката затрепери кога кажа благодарам. Не е лесно да не можете да си ги прехраните децата“, раскажува Никола.







