Министерот за здравство, Венко Филипче во вечерашното гостување на телевизија Телма рече дека најкритичен месец во однос на состојбата со заразата ќе биде јануари. Тогаш, како што објасни Филипче, е период кога ќе заврши циклусот од два месеца кога луѓето ќе поминуваат повеќе време во затворен простор.
Сепак, тој вели дека полициски час на територија на целата држава нема да има. Можно е тоа да биде само во одредени населби или општини.
Исто така напомена дека има големи шанси да се отворат границите со земјите од регионот.
„Разговори има, но не сакаме да избрзуваме. Сепак, останатите земји немаат широк начин на тестирање, како што имаме ние“, соопшти Филипче и надополни дека во тек е набавка на брзи тестови за новата болест, што ќе дадат резултати за 15 минути.
„Дел од нив ќе бидат на граничните премини, а дел од нив по болниците“, вели министерот.
Според Филипче, во некои клиники или болници ќе дојде до промена на директорските места, поради послаб перформанс во изминатиот период.z
„Нема да има поделби дали е од СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. Немаше реакции од ДУИ кога беше сменет Зибери, тие ја прифатија одлуката и сум немал досега никаков конфликт со коалициските партнери“, рече Филипче.







