За време на денешната прес-конференција на Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, новиот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов изгуби свест, по што беше прекинато обраќањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, а тој се стрча да му помогне.



Имено Мицкоски изјави дека градоначалиците треба да ги засукаат ракавите и да ги решаваат проблемите на граѓаните. Мицкоски истакна дека дел од општините се презадолжени и има злоупотреба на ресурсите, има луѓе кои земале плата, а не оделе на работа.
„Потребен е максимален ангажман за да се реализира ветеното“, рече Мицкоски.
Вели дека ќе побара од градоначалниците да почнат со најмалку три капитални проекти од инфраструктурата. Бара да се откажат од привилегиите кои во минатото нивните претходници ги злоупотребувале. Повика и другите градоначалници да го сторат тоа, иако не се од нивната партија или коалиција. Да не злоупотребуваат службени возила, да не плаќаат ручеци со општински пари и слично.
„Како трето побарав да излезат меѓу граѓаните и заеднички да ги решаваат нивните проблеми. Нашето место не е во удобните фотелји, туку меѓу народот“, кажа Мицкоски.
Тој вели дека она што го зборуваат, треба да го спроведат на дела. Порача дека градоначалниците не смеат да ги изневерат граѓаните, затоа што Македонија е во сериозна криза.
Toj рече дека утре во 14.30 часот во Собранието ќе биде поднесена иницiјатива за гласање недоверба на актуелната Влада.
Видео:







