Кучиња обучени за откривање на коронавирус започнаа денеска да ги душкаат патниците на аеродромот во Хелсинки, во пилот-проектот започнат паралелно со рутинското тестирање на аеродромот Вантаа, соопштија властите.
Ефективноста на кучињата сè уште не е научно потврдена, па затоа патниците кои доброволно се пријавуваат и се сомневаат дека имаат вирус, се поканети да бидат издушкани од кучиња за да ги споредат резултатите со реалниот тест.
Тим од 15 кучиња и десет инструктори биле обучени од фински волонтери спонзорирани од приватна ветеринарна клиника. Меѓу кучињата е и Коси, кој претходно бил обучен да открива рак.
„За време на истражувањето, видовме дека кучињата можат да ја детектираат болеста пет дена пред да се појават какви било клинички симптоми“, рече Ана Хиелм-Бјоркман, специјализирана за клинички истражувања со животните кои откриваат болести.






