Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје: Во последните 24 часа се направени 5.780 тестирање, а регистрирани се 588 нови случаи на КОВИД-19.
Математичките пресметки на професорот Дејан Трајковски покажале дека во моментов едно инфицирано лице заразува тројца.
Предупредува дека со ваков раст на бројките за седум дена може да очекуваме и по 2000 заразени дневно. Наместо средината на септември, сега проценките на Трајковски се дека врвот на заразени ќе биде за максимум две недели.
„Со вакво високо забрзување за само една недела ние би можеле, доколку не се намали ова забрзување, да стигнеме до 1500-2000 нови случаи дневно.Колку е повисок ефективниот репродукциски број, толку побргу бројките се искачуваат и толку побргу ќе биде достигнат врвот. Тоа е лоша вест затоа што може да направи при тисок врз болниците. При ваква висока преносливост веројатно пикот ќе го видиме со поголеми бројки уште порано, можеби околу 1 септември“, вели Трајковски за Канал 5 ТВ.
Каква ќе биде епидемиолошката крива во голема мера ќе зависи и од темпото на имунизирање. Граѓаните и денеска навалија по вакцина а четирите новоотворени пунктови колку-толку успеаја да ги намалат гужвите. Пред поликлиниката Букурешт, и младо и старо, чекаа во ред за да се боцнат.






