Лука Андраши, хрватски експерт кој работи на проект на Европската унија за мониторинг на работата на високи државни службеници во Македонија, го коментира превозот на премиерот Зоран Заев и на министерот за здравство Венко Филипче со хеликоптер до Прилеп.
„По моторите и хеликоптерот, во следната епизода Бетмен и Робин ќе испловат со подморница во Охрид“, прокоментира Андраши на Твитер.
„Секој нов ден во Скопје ми буди сеќавања од 90′. Интелектуалците дома, простотилак ја води државата. Воени профитери, празни зборови, арамилак, сиромаштија“, напиша претходно Лука Андраши.
„Сè додека се држите до македонската народна поговорка ‘наведната глава сабја не ја сече’, вие не живеете, туку преживувате.
Не може ставот ‘секаде е исто’ да биде утеха за вашата ситуација. Не е секаде исто, Словенија е 30 години пред Хрватска и Унгарија, потоа има разлика од 10 години па доаѓа Србија. Бугарите паднаа последниве три години. За да ја промените состојбата мора да го промените светогледот“, пишува европскиот експерт кој испровоцира жестоки реакции од поддржувачите на власта, кои го напаѓаат за неговиот искрен јавен став.






