Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, денеска изјави дека актуелната унгарска влада нема да дозволи Украина да стане членка на Европската Унија.
Тој ја образложи одлуката коментирајќи го новиот извештај на Европската комисија за проширување на ЕУ и планот на Брисел да започне преговори со Киев за членство до крајот на 2025 година.
– Унгарскиот народ јасно стави до знаење дека не сака Украина да се приклучи на Европската Унија. Пошто проширувањето на ЕУ бара консензус од сите земји-членки, Унгарија ќе го блокира членството на Украина, изјави Сијарто.
Претходно, шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, најави дека Албанија, Молдавија, Украина и Црна Гора би можеле да се приклучат на ЕУ до 2030 година, но ставот на Унгарија значително ќе влијае на оваа перспектива.







