Во текот на ноќта на 31 октомври, енергетски објекти во руските области Орјол, Владимир и Јарослав беа нападнати со беспилотни летала, потврдија руските власти и неколку локални канали на Телеграм, пренесува Кијив Индипендент.
Гувернерот на Орјол, Андреј Кличков, изјави дека термоцентралата Орјол била погодена од остатоци на пресретнати дронови, при што е оштетена опрема за напојување, но без пријавени жртви или пожари. Службите за итни случаи се на лице место.
Снимки објавени од независниот медиум Астра покажуваат два директни удари врз централата, по кои делови од градот останале без струја.
Во областите Владимир и Јарослављ, жителите пријавиле повеќе експлозии и активирање на противвоздушната одбрана. Според Астра, во Владимир цел на напад била голема електрична трафостаница со капацитет од околу 4.000 MVA, која претставува клучен енергетски јазол за регионот.
Во Јарослављ, пак, експлозиите се случиле во близина на нафтената рафинерија Ново-Јарославски — петтата по големина во Русија, со годишен капацитет за преработка од 15 милиони тони сурова нафта.
Овие удари следат само еден ден откако Русија изврши масовен напад со ракети и беспилотни летала врз украинската енергетска инфраструктура. Според украинската компанија ДТЕК, повеќе термоелектрани биле погодени низ целата земја, меѓу кои и централата „Славјанск“ во Донецката област, каде загинаа две лица, а неколку беа повредени.
Претседателот Володимир Зеленски ги нарече руските напади „акти на енергетски терор“.







