Општинскиот кризен штаб на Прилеп бара од надлежните во државата заострување на мерките за заштита од ковид-19, поточно полицискиот час во следните две до три недели на територијата на општината да биде од 19 до 5 часот. Барањето следува откако Прилеп стана втор град во државата по број на новозаразени меѓу кои голем дел се млади лица, има многу хоспитализирани и починати од ковид-19. Општина Прилеп е прва во државата по стапката на морталитет, поточно број на смртни случаи од вкупниот број на население.
Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, на денешната прес-конференција, прва по неговото закрепнување од ковид-19, рече дека состојбата со болеста во општината е алармантна и крајно загрижувачка.
„Во Општата болница ‘Борка Талески’ во Прилеп се хоспитализирани 89 лица од кои 77 се на кислородна поддршка. Дополнително во дневната болница се лекуваат 92 пациенти . Во последните 24 часа за преглед на Инфективното одделение се јавиле 105 пациенти, а имаме и 5 починати во последните 24 часа“, рече Јованоски.
Градоначалникот објасни дека полицискиот час треба да почнува три часа порано бидејќи во периодот од 19 до 22 часот има најголем број дружења, собирања по дома и излегувања по кафулињата.







