Пентагон ѝ даде зелено светло на Белата куќа за можната испорака на крстосувачки ракети „Томахавк“ со долг дострел во Украина, проценувајќи дека тоа нема негативно да влијае врз американските воени резерви. Конечната политичка одлука сега е во рацете на претседателот Доналд Трамп, јавува CNN, повикувајќи се на тројца американски и европски функционери.
Според извештајот, Трамп на неодамнешен состанок во Белата куќа му рекол на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека би сакал да избегне испорака на „Томахавк“ ракети, бидејќи „САД не сакаат да ги дадат работите што ни се потребни за да ја одбраниме нашата земја“.
Украина одамна бара вакви ракети, со дострел од околу 1.600 километри, за да може да погодува енергетски и воени цели длабоко во Русија. Според CNN, Зеленски во повеќе наврати го потенцирал значењето на овие системи за украинската одбрана и повикал на „фер услови“ за завршување на војната.
Одлуката на Пентагон уследи по телефонскиот разговор меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Според изворите, Путин предупредил дека евентуалната испорака на „Томахавк“ би можела да погоди големи руски градови како Москва и Санкт Петербург, што би ги влошило односите меѓу САД и Русија.
И покрај тоа, американските власти не ја исклучуваат можноста за испорака. Функционери изјавиле дека постои подготвен план за брза испорака во Украина доколку Трамп даде наредба.
Прашањето останува како Киев би ги користел овие ракети, бидејќи „Томахавк“ најчесто се лансираат од бродови или подморници, а украинската морнарица е ограничена. Можно решение би било копнено лансирање со американски системи или адаптација на постоечка украинска технологија — нешто што Киев веќе го направи со британските ракети „Сторм Шедоу“.
Зеленски неодамна на мрежата X напиша дека Украина сака да го прошири својот капацитет за удари на долг дострел до крајот на годината.
„Сите цели за длабок удар мора да бидат целосно обезбедени до крајот на годината, вклучително и проширувањето на нашиот долг дострел,“ порача украинскиот претседател.
![Запознајте го украинскиот Франкенштајн: Моќно импровизирано оружје кое украинците сами го создадоа [ФОТО]](https://bulevar.com.mk/wp-content/uploads/2025/05/screenshot-2025-05-07-200132.png)





