По инцидентот на концертот во спортската сала „Гемиџии“ во Велес, кога пејачката Цеца Ражнатовиќ подигна бугарско знаме, таа се огласи со изјава за емисијата „Бекстејџ“, нагласувајќи дека нејзиниот гест бил погрешно протолкуван и дека не сакала да навреди никого.
„Не е ништо необично што секогаш со радост го прифаќам секое знаме од мојата публика, затоа што тоа е мојата публика, мојот народ, моите луѓе. Нас нè поврзува љубовта кон песната, без разлика од каде кој доаѓа. Жал ми е ако тој гест некого повредил, тоа навистина не ми била намерата, а особено не да ги навредам или повредам домаќините. Верувам дека тоа го знаете,“ изјави Ражнатовиќ.
Пејачката им се заблагодари на велешаните за, како што рече, „прекрасната вечер, убавата енергија, љубовта и спомените што заедно ги создадовме“.
Во однос на бурните реакции на социјалните мрежи, Ражнатовиќ додаде дека нема намера дополнително да ги коментира:
„Реакциите се случија во салата, меѓу мене и мојата публика. Ние знаеме како поминавме, што беше убаво, а што помалку убаво на концертот што траеше два часа. Тоа е она што е најважно.“
На крајот порача дека нема да дозволи шпекулациите да влијаат врз нејзиниот однос со обожавателите:
„Нема да се занимаваме со реакциите на социјалните мрежи, затоа што сите ние што таа вечер бевме заедно во Велес знаеме што навистина се случи. Ништо и никој не може да застане помеѓу мене и мојата публика,“ порача Цеца.






