САД и Индија потпишаа десетгодишен пакт: Заедно против кинеското влијание
Соединетите Американски Држави и Индија потпишаа десетгодишен одбранбен договор кој има за цел дополнително да ја зајакне нивната воена соработка и стабилноста во Индо-Пацифичкиот регион.
Договорот во петокот во Куала Лумпур, Малезија, заеднички го претставија американскиот министер за одбрана Пит Хегсет и неговиот индиски колега Рајнат Синг на прес-конференција.
Овој рамковен договор е дел од долгорочната стратегија на Вашингтон насочена кон засилување на присуството во Индо-Пацификот, особено во момент кога тензиите во регионот растат поради кинеската експанзија и сè поголемото политичко влијание на Пекинг.
Хегсет го опиша новиот пакт како „амбициозен план“ што ќе овозможи подлабока соработка и подобра координација меѓу американските и индиските вооружени сили.
„Ова е значаен чекор за нашите две армии — пат кон уште посилно партнерство во годините што доаѓаат“, изјави Хегсет, нагласувајќи дека договорот ја одразува заедничката посветеност кон безбеден и просперитетен Индо-Пацифик.
Американскиот функционер истакна дека односите меѓу Вашингтон и Њу Делхи се засноваат на заемна доверба и заеднички интереси, што, како што рече, го прави овој сојуз еден од клучните столбови на регионалната безбедност.






