Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави дека Соединетите Држави повторно ќе започнат со тестирања на нуклеарно оружје, по пауза од повеќе од три децении. Како причина ја наведе потребата за „рамноправност“ со другите земји кои, според него, веќе спроведуваат свои нуклеарни програми.
Во порака објавена на платформата Truth Social, непосредно пред средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг во Бусан, Јужна Кореја, Трамп истакна дека процесот „ќе започне веднаш“, без да прецизира за каков вид тестирања станува збор.
Тој додаде дека САД располагаат со најголем нуклеарен арсенал во светот, и ја истакна својата заслуга за „целосното обновување“ на нуклеарните сили за време на неговиот претходен мандат. Според него, Русија има втор по големина арсенал, додека Кина „моментално заостанува, но би можела да се изедначи во рок од пет години“.
„Поради огромната деструктивна моќ на нуклеарното оружје, мразев да го направам ова, но немав избор,“ изјави Трамп.
Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин вчера објави дека Москва успешно тестирала нуклеарно погонско подводно беспилотно торпедо „Посејдон“, кое, според руските извори, поседува поголема разорна сила од интерконтиненталната ракета „Сармат“.






