Трамп ја запира исплатата на помошта за храна, народните кујни очекуваат навала од сиромашни
Повеќе од 40 милиони Американци кои зависат од државната помош за храна ќе останат без неа од ноември поради долготрајната блокада на работата на американската влада.
Американското Министерство за земјоделство потврди дека програмата за помош повеќе нема да се финансира, наведувајќи дека „изворот конечно пресуши“, пренесува BBC.
Програмата за дополнителна помош во исхраната (SNAP) е клучна за буџетите на многу семејства, а ја користи секој осми Американец. Поради прекинот на федералното финансирање, народните кујни низ целата земја очекуваат драстично зголемен број корисници.
Министерството за застојот ја обвини Демократската партија во Сенатот, додека администрацијата на Доналд Трамп претходно овој месец одби да го искористи фондот за непредвидени ситуации, кој би овозможил продолжување на исплатите. Како причина ја навеле потребата да се зачуваат средствата за потенцијални итни случаи, како што се природни катастрофи.
Демократите остро ја осудија одлуката на Трамп.
„Ова можеби е најсуровиот и најголем прекршок што администрацијата на Трамп досега го направила“, се наведува во заедничката изјава на конгресменките Роза Делауро и Енџи Крејг, кои го критикуваа претседателот и за помошта што ја обезбедил за Аргентина и изградбата на нова танцова сала во Белата куќа во време на владината блокада.
Пратениците од Демократската партија побараа од министерката за земјоделство Брук Ролинс да ги искористи резервните средства, но таа во допис навела дека тие можат да се употребат само за „вистински итни случаи“.
Програмата SNAP функционира така што корисниците добиваат дебитни картички со кои можат да купуваат основни прехранбени производи. Просечно четиричлено семејство добива околу 715 долари месечно. Иако програмите се управувани од сојузните држави, најголемиот дел од средствата доаѓа од федералната влада.
Неколку држави најавија дека ќе користат сопствени средства за да го покријат недостатокот, но беа предупредени дека тие пари нема да им бидат надоместени. Други, како Масачусетс, порачаа дека немаат доволно средства за да ја покријат разликата.
Многу држави сега ги упатуваат граѓаните кон добротворни народни кујни, а Калифорнија дури ја ангажирала Националната гарда за помош во дистрибуцијата на храна.
Блокадата на работата на американската влада во неделата влезе во 26-иот ден, што ја прави втората најдолга во историјата на САД.







