Аргентинскиот претседател Хавиер Милеј изјави дека големата победа на неговата партија на изборите претставува историска пресвртница и вети дека ќе продолжи со реформите што неговата влада ги смета за неопходни.
„Денес минуваме низ пресвртница,“ рече Милеј по објавувањето на резултатите, додавајќи дека гласачите ја изразиле својата волја за неповратна промена на патот по кој се движи втората по големина економија во Јужна Америка.
Тој ги повика гувернерите на аргентинските покраини на разговор за можни парламентарни договори и истакна дека десетици сенатори и пратеници од други партии би можеле да постигнат спогодби со неговата администрација.
Изборните резултати покажаа дека гласачите му дале силна поддршка на неговиот план за слободен пазар и мерките за штедење, што му обезбедува дополнителен поттик да ја продолжи економската реформа, јавува агенцијата Хина.
Партијата на претседателот, La Libertad Avanza, освоила 41,5% од гласовите во покраината Буенос Аирес, наспроти 40,8% за перонистичката коалиција, според официјалните податоци. Овој резултат означува драматична политичка промена, бидејќи покраината долго време беше силно упориште на перонистите.
На национално ниво, La Libertad Avanza освоила 64 места во Претставничкиот дом, додека перонистите добиле 37, според податоците на владата.







