Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој се наоѓа во притвор, денес беше испрашуван во Главниот суд во Истанбул во рамки на нова истрага за наводна шпионажа.
Стотици негови поддржувачи се собраа пред зградата на судот во знак на поддршка на опозицискиот политичар, кој се смета за еден од најсилните ривали на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Истрагата, отворена пред два дена, се фокусира на наводни врски меѓу изборната кампања на Имамоглу и лице уапсено во јули под сомнение дека вршело разузнавачки активности во корист на странски држави.
Во рамки на истата постапка биле испрашувани и поранешниот менаџер на неговата кампања, Неџати Озкан, како и новинарот Мердан Џанардаг.
Имамоглу давал исказ околу три часа. Тој е во притвор од март годинава, поради обвиненија за корупција кои, како што тврди, се политички мотивирани и неосновани.






