Регионалните тензии на Карибите достигнуваат ново ниво – САД распоредија огромна воена флота околу Венецуела, вклучувајќи го и најголемиот воен брод на светот, носачот на авиони „УСС Џералд Форд“, како и бомбардери со долг дострел Б-52, беспилотни летала и единици на маринци, објави Би-Би-Си.
Претседателот Доналд Трамп лично го одобрил распоредувањето на ЦИА и на американските воени сили во регионот, тврдејќи дека операцијата има за цел да ги спречи „наркотерористите“ кои превезуваат дрога. „Ова е војна против трговијата со дрога“, изјави Трамп, додавајќи дека еден од нападнатите бродови бил натоварен со фентанил.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека ова е повеќе демонстрација на сила отколку реална борба против шверцот на дрога. Кристофер Сабатини од тинк-тенкот Чатам Хаус вели дека САД всушност се обидуваат да „внесат страв“ во венецуелската војска и окружувањето на претседателот Николас Мадуро, со цел да го поттикнат неговото соборување.
Според Би-Би-Си, сателитски снимки покажуваат најмалку 10 американски воени бродови во регионот од 23 октомври, меѓу кои и носачи на авиони, бомбардери Б-52 и Б-1, борбени авиони F-35, беспилотни летала MQ-9 Reaper, шпионски авиони P-8 Poseidon и хеликоптери.
Иако Вашингтон ја претставува операцијата како акција против трговијата со дрога, експертите предупредуваат дека Карибите не се главна рута за шверц, а 84 проценти од кокаинот што завршува во САД потекнува од Колумбија – не од Венецуела.
Во регионот растат стравувањата дека ова би можело да биде почеток на најголемата американска воена демонстрација во Латинска Америка во последната деценија.






