Соединетите Американски Држави воведоа санкции против руските нафтени гиганти „Роснефт“ и „Лукоил“ – првпат откако Доналд Трамп се врати во Белата куќа. Целта, според Вашингтон, е да се намалат приходите од нафта што ја финансираат воената машина на Кремљ.
„Сега е време да се запре убивањето и да се прогласи итен прекин на огнот“, изјави американскиот секретар за финансии Скот Бесент, нагласувајќи дека санкциите се насочени кон најголемите извори на приходи на Русија и дека ќе следат нови мерки доколку е потребно.
Потегот на Трамп доаѓа по зголеменото незадоволство во Вашингтон од „максималистичките барања“ на Владимир Путин. Претседателот потврди дека ја откажал планираната средба со рускиот лидер, наведувајќи дека „не делувало исправно“ да се одржи во овој момент.
Британската влада минатата недела воведе исти санкции, а Европската Унија досега ја таргетираше само државната „Роснефт“, со исклучоци за земји како Унгарија и Словачка кои зависат од руската нафта.
Според аналитичарите, ова е најдиректниот удар на САД врз руската енергетска индустрија во последните години. „Дали ќе следи долгорочно стеснување на приходите од нафта – крвотокот на економијата на Путин – ќе зависи од упорноста на САД во спроведувањето“, оценува поранешниот функционер на Стејт департментот Едвард Фишман.






