Денеска во 7 часот наутро навреме се отворија сите 3.474 избирачки места низ државата, а гласањето се одвива без потешкотии, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
„Државната изборна комисија известува дека денес навремено се отворени сите избирачки места и процесот на гласање се спроведува без проблем“, стои во соопштението на Комисијата.
Македонските граѓани денеска го остваруваат своето право на глас на осмите локални избори од независноста. Право на глас имаат 1.832.415 избирачи, кои ќе избираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје.
Гласачките места ќе бидат отворени до 19:00 часот, а по тоа време ќе можат да гласаат само лицата кои во моментот на затворањето се наоѓаат во избирачкиот објект.
Ден претходно гласаа 2.162 лица во затвори и притвор, 8.848 болни и изнемоштени лица, како и 442 граѓани сместени во установи за вонсемејна грижа.
Иако дијаспората не учествува во локалните избори, државјаните кои живеат или работат во странство, а се наоѓаат во земјата, денес можат да гласаат.
Според Изборниот законик, за градоначалник во првиот круг се избира кандидатот што ќе добие мнозинство од гласовите на излезените избирачи, доколку излезноста изнесува најмалку една третина од запишаните гласачи во општината. Ако излезноста е помала, изборите се повторуваат.
Изборите за градоначалници се спроведуваат по мнозински модел, додека изборот на советници – по пропорционален модел, во еден круг.
ДИК најави дека првичните резултати ќе бидат објавувани електронски веднаш по затворањето на гласачките места, а конечните резултати ќе бидат соопштени најдоцна во рок од 24 часа по нивната правосилност.






