Европската комисија изјави дека секоја средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин би била добредојдена доколку придонесе за „праведен и траен мир“ во Украина, јавува Анадолија.
Портпаролот на ЕК, Олоф Гил, рече дека претседателката Урсула фон дер Лајен го поздравува секој чекор што води кон мир, но нагласи дека ЕУ очекува Русија да ја запре нелегалната агресија против Украина. Деталите за средбата сè уште не се потврдени, но ЕК би ја сметала за позитивна ако придонесе кон мир.
Другата портпаролка, Анита Хипер, нагласи дека ЕУ го поддржува Трамп во неговите мировни напори и дека притисокот врз Русија ќе продолжи, вклучувајќи го и 19-тиот пакет санкции. Таа додаде дека Путин и Лавров се предмет на замрзнување на средства, но не се опфатени со забрана за патување.
Рускиот и американскиот претседател неодамна имаа речиси два и пол часа телефонски разговор, при што разговарале за нова средба лице в лице. Будимпешта се споменува како можен домаќин, а двете страни ќе започнат со подготовки за самитот. Последниот состанок се одржа на 15 август во Алјаска.
Во меѓувреме, ЕУ ја потврди поддршката за Меѓународниот кривичен суд (МКС), по повлекувањето на Унгарија од Римскиот статут. МКС во март 2023 година издаде налог за апсење на Путин за воени злосторства во Украина.







