Букурешт – Сериозна експлозија што се случи утрово во станбена зграда во Букурешт одзеде три животи и повреди 17 лица, јавуваат локалните медиуми. Од повредените, 12 биле директно погодени од силата на експлозијата.
Два ката од зградата се целосно срушени, додека долните катови претрпеле значителни оштетувања. Меѓу загинатите е и 24-годишна трудница, а според некои извори, една од жртвите била фрлена повеќе од 50 метри од експлозијата.
Поради ризикот од целосно уривање на зградата, властите веднаш ги евакуирале жителите и им забраниле да се вратат.
Истражителски тим ќе го утврдува потеклото на експлозијата, иако првичните претпоставки укажуваат на инсталација за гас како можен причинител.






