„Извини, Володимире, не може“ – Трамп одбива да ѝ испорача ракети „Томахавк“ на Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД нема да можат да ѝ испорачаат ракети со долг дострел „Томахавк“ на Украина, бидејќи тие му се потребни и на американскиот арсенал.
„’Томахавките’ ни се потребни и на нас. Имаме многу, но не можеме да ја исцрпуваме нашата земја… Не знам што можеме да направиме во врска со тоа“, рече Трамп во изјава од Белата куќа, пренесува Sky News.
Тој најави дека ќе го извести украинскиот претседател Володимир Зеленски за разговорот што планира да го има со рускиот лидер Владимир Путин, кој, според него, може да се одржи во наредните две недели.
Претходно, шефовите на дипломатија на двете земји, Марко Рубио и Сергеј Лавров, ќе имаат подготвителна средба.
„Имаме проблем – тие двајца не се разбираат најдобро“, рече Трамп, додавајќи дека поради тоа ќе одржи одвоени состаноци со Зеленски и со Путин.
Американскиот претседател призна дека верувал оти конфликтот во Украина ќе биде полесно решлив „поради неговиот личен однос со претседателот Путин“.







