По три години руски напади без поголема одмазда, Украина започна систематска кампања со дронови и ракети со долг дострел, насочена кон руските енергетски и воени објекти, пишува Politico.
Благодарение на домашно произведени беспилотни летала и ракети, Украина сега речиси секојдневно погодува цели на руска територија — од рафинерии и електрани, до трафостаници, предизвикувајќи растечка енергетска криза во Русија.
„Ако тие ни го ускратуваат електричниот напон, ќе го направиме истото. Но, ние не целиме во цивили“, изјави претседателот Володимир Зеленски, нагласувајќи дека нападите се дел од стратегија за одвраќање.
Според BBC, досега се погодени 21 од 38 големи руски рафинерии, со што околу 40% од капацитетот за преработка на нафта е оневозможен. Русија, наводно, изгубила и до петина од залихите на гориво и е принудена да увезува од Белорусија.
Москва возвраќа со масовни напади – само минатата недела лансирала повеќе од 3.000 дронови и стотици ракети врз Украина.
Зеленски тврди дека Украина веќе произведува нови модели ракети, меѓу кои „Фламенго“ со дострел од 3.000 километри и „Нептун“ со краток дострел, кои успеале да погодат цели длабоко во Русија.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој неодамна го пофали украинскиот отпор, разгледува можност за испорака на крстосувачки ракети „Томахавк“ на Киев, иако најави дека ќе разговара со Владимир Путин пред да ја донесе конечната одлука.
Целта, според Зеленски, е „Русија конечно да ја почувствува цената на сопствената агресија“.







