Информацијата дека „Лидл“ доаѓа во Македонија проструи во јавноста уште пред неколку недели, но освен информациите дека за тоа се одговорни лица од Бугарија, повеќе детали не беа достапни.Регистрирањето подружница во Северна Македонија во февруари е првиот чекор од нашата активност во земјата, одговорија од „Лидл“ – Бугарија на прашањето од InStore какви се нивните планови за влезот на германскиот малопродажен гигант кај нас и каде ќе им бидат лоцирани продавниците.
„Ние сме во почетна фаза на долгорочен процес и во оваа фаза не можеме да дадеме дополнителни детали“, одговорија од „Лидл“ – Бугарија за InStore, додавајќи дека не можат да ги откријат потенцијалните локации или датуми на отворање.
Бугарските менаџери засега не даваат повеќе детали, и покрај информациите дека веќе разговараат со градоначалници за можни локации. Сепак, читатели испратија фотографија од брендиран автомобил на „Лидл“ каде, покрај логото на трговецот, се наведени градовите Штип, Тетово, Скопје и Охрид.
Во таа насока одат и активностите на бугарската подружница за кои досега знаеме, но и информациите од терен – се шпекулира дека првиот маркет ќе биде во Охрид.
Впрочем, градоначалникот на Штип, Сашко Николов, за штипската телевизија ТВ Стар потврди дека веќе разговарал со претставници на компанијата. Тие побарале локација на 10.000 квадратни метри и тој вели дека веднаш им обезбедил две такви.






