Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не ја исклучува можноста за испорака на крстосувачки ракети „Томахавк“ на Украина, со цел да се зголеми притисокот врз Русија и да се забрза крајот на војната.
Говорејќи пред новинари во авионот Air Force One на пат кон Блискиот Исток, Трамп рече дека ќе разговара со Москва: „Дали Русите сакаат Томахавки да летаат кон нив? Не мислам дека сакаат.“ Тој додаде дека може директно да им порача: „Ако оваа војна не се реши, ќе им ги испратам Томахавките.“
И покрај острите зборови, Трамп изрази уверување дека Владимир Путин ќе успее да го реши конфликтот во Украина. „Мислам дека тој ќе го реши тоа. Но, ако не – ќе заврши лошо за него“, изјави тој.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски веќе со недели бара од Вашингтон ракети „Томахавк“, кои со домет до 2.500 километри би можеле да погодуваат цели длабоко во Русија. Трамп ги нарече тие ракети „неверојатно и офанзивно оружје“, додавајќи дека „Русија нема потреба од тоа“.
Зеленски потврди дека разговарал со Трамп за системите Patriot и „Томахавк“, и изјави дека Русија е загрижена поради можната испорака на американското оружје. Тој нагласи дека Украина би ги користела ракетите исклучиво за воени цели и никогаш против цивили.






