Протече документ: Русија изгубила над 280.000 војници во Украина за осум месеци
Русија загубила 281.550 војници во првите осум месеци од 2025 година, според документ за кој украинската разузнавачка служба тврди дека содржи протечени руски информации. Според извештајот, 86.744 војници се убиени, 33.966 се водат како исчезнати, 158.529 се ранети, а 2.311 заробени. Меѓународната разузнавачка група Frontelligence Insight потврди дека бројките изгледаат реални и се совпаѓаат со нивните проценки.
Податоците покажуваат дека Русија има исклучително висок сооднос на мртви во однос на ранети — на секој загинат доаѓаат помалку од двајца ранети, што укажува на слаб систем за евакуација и ниска стапка на преживување.
Од почетокот на инвазијата во 2022 година, вкупните руски загуби се проценуваат на над еден милион луѓе. Украинскиот претседател Зеленски изјави дека до февруари 2025 година загинале повеќе од 46.000 украински војници, но дека руските жртви се најмалку трипати поголеми.
И покрај огромните загуби, Русија продолжува со интензивна мобилизација — нуди бонуси до 26.000 евра, а според американскиот Институт за проучување на војната (ISW), месечно регрутира околу 31.600 војници, но губи повеќе од 35.000.
Недостатокот на војници ја тера Москва да бара регрути и во Африка и на Блискиот Исток. Во првата половина на 2025 година потпишани се 651 договор со странски борци — речиси двојно повеќе отколку претходно. Аналитичарите предупредуваат дека, доколку трендот продолжи, Кремљ ќе мора да избере меѓу поширока мобилизација или соочување со сериозен недостиг на човечки ресурси.







