Во срцето на недопрената природа, во селото Студено — административна единица Стеблево, област Голо Брдо — наскоро ќе започне изградбата на авантуристички парк, проект што има за цел да ја претвори оваа област во современа туристичка дестинација за љубителите на адреналин, природа и уникатни искуства.
Проектот, поддржан од Општина Либражд, предвидува создавање на авантуристички комплекс со повеќе атракции: „зип лајн“ над езерото Студено, панорамски балкон со поглед кон долината, астрономска опсерваторија и специјализирани патеки за планинарење и истражување. Со ова, Студено се позиционира како една од најатрактивните дестинации за авантуристички туризам во Албанија, објави МИА.
Според весникот „Илинден“, проектот опфаќа и изградба на „Виа Ферата“ — безбедна планинарска патека за искачување што ќе им овозможи на посетителите да ги истражуваат карпестите формации во различни нивоа на тежина, прилагодени за почетници и искусни алпинисти. Сите траси ќе бидат уредени во согласност со природниот релјеф и пејзажот.
Една од највозбудливите атракции ќе биде „Зип лајн“ линијата што ќе минува над езерото Студено, нудејќи незаборавно воздушно искуство и спектакуларен поглед кон планините на Голо Брдо. Дополнително, ќе се изгради и авантуристички парк со висечки мостови, јажиња и спортски зони, како и зимско лизгалиште.
Особено внимание ќе биде посветено на Астрономската опсерваторија, која ќе служи како центар за набљудување на ѕвезди и развој на астротуризмот. Во соработка со локалната заедница, се планира и одржување на Фестивал на астротуризам, со цел промоција на чистото небо и природните убавини на Студено.
Претставници на административната единица изјавија за албанските медиуми дека местото, кое до неодамна било малку познато, денес привлекува се повеќе туристи од странство. Во 2024 година, селото Студено се вброи меѓу најпосетуваните дестинации во Албанија — со над 100.000 посетители кои ја истражувале недопрената природа во рамките на Националниот парк Шебеник–Јабланица.
Стеблево е едно од 22-те населени места во областа Голо Брдо, каде што мнозинството население е од македонско потекло. Пред територијалната реформа во 2014 година, Стеблево беше самостојна општина, а денес административно припаѓа на Општина Либражд. Другите две поранешни општини, Требиште и Острени, се во состав на Општина Булќиза.






