НАСА објави ново истражување што открива загрижувачки тренд во енергетската рамнотежа на планетата – северната хемисфера постепено станува „потемна“ во споредба со јужната, што може да има сериозни последици за глобалната клима.
Податоците се добиени преку сателитите на НАСА CERES (Clouds and the Earth’s Radiant Energy System), а научниците откриле дека северната половина на Земјата губи повеќе зрачна енергија отколку што прима. Тоа значи дека апсорбира повеќе сончева светлина, но одбива помалку – па затоа од вселената изгледа потемно.
„Овој феномен укажува на нарушување на природната рамнотежа во размената на енергија меѓу двете хемисфери,“ изјави водечкиот истражувач Норман Лоеб од Центарот на НАСА „Ленгли“ во Вирџинија.
Причините за ваквата промена се комплексни: топењето на арктичкиот мраз, намалувањето на облачноста и промените во одразот на површината (албедо ефект). Наместо да ја рефлектира сончевата светлина, темната морска и копнена површина ја апсорбира, што дополнително го забрзува загревањето.
Истражувањето покажува и еден парадокс – почистиот воздух во северната хемисфера довел до намалување на облаците, бидејќи аеросолите (ситни честички загадување) кои помагаат при нивно формирање, сега се во помала количина.
Во меѓувреме, на југот на планетата серија вулкански ерупции и шумски пожари го зголемија нивото на аеросоли, засилувајќи ја рефлективноста на атмосферата.
Според НАСА, енергетскиот дисбаланс меѓу хемисферите се зголемува за само 0,34 вата по квадратен метар на деценија, но дури и толку мала разлика може значително да влијае на климата во наредните децении.
„Разбирањето на овој процес е клучно ако сакаме да предвидиме како ќе изгледа идната клима на Земјата,“ заклучува Лоеб.
Научниците предупредуваат дека ако не се воспостави нова рамнотежа, човештвото може да се соочи со траен климатски дисбаланс – кој би можел да го промени животот на планетата засекогаш.







