Трамп: Сè ќе биде поинаку – ова е почеток на мирот на Блискиот Исток
Американскиот претседател Доналд Трамп се огласи по објавата дека Израел и Хамас постигнале договор за првата фаза од прекинот на војната во Газа, нагласувајќи дека ова е „почеток на ново време“ и дека „сè ќе биде поинаку“.
Во интервју за Fox News, Трамп изјави дека неговиот мировен план ќе донесе траен мир во регионот и дека дури и Иран би можел да стане дел од поширокиот договор. Тој откри дека имал „многу добри разговори“ со Иран, само неколку месеци по американските напади врз цели поврзани со иранската нуклеарна програма.
„Светот се обедини околу овој договор. Земји што никогаш не би помислиле дека ќе соработуваат, сега се дел од процесот“, изјави Трамп.
Тој додаде дека сите соседни држави потпишале документи поврзани со мировниот план и оцени дека тоа е „неверојатен момент – за Израел, за муслиманите, за арапскиот свет и за САД“.
Според Трамп, постигнатиот договор не е само за Газа, туку претставува „вистински мир за целиот Блиски Исток“.






