Израелските власти потврдија дека утре во раните утрински часови треба да започне операцијата за ослободување на сите живи заложници кои ги држи палестинското движење Хамас во Појасот Газа. Информацијата беше објавена од кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху и потврдена од самата организација.
Портпаролката на израелската влада, Шош Бедросјан, соопшти дека Израел е подготвен да ги прими и телата на 28 заложници за кои е потврдено дека се убиени, веднаш по ослободувањето на преживеаните. Според договорот, по нивното предавање Израел ќе започне со ослободување на стотици палестински затвореници од своите затвори.
„Живите заложници ќе бидат предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и ќе бидат транспортирани во безбедна зона со шест до осум возила“, изјави Бедросјан.
Таа потсети дека при последното примирје потврдата на идентитетот на убиените заложници била извршена по обдукција во Израелскиот институт за судска медицина.
Воедно, Бедросјан потврди дека Израел нема да учествува на мировниот Самит за Газа кој утре ќе се одржи во Египет под покровителство на американскиот претседател Доналд Трамп. „Ниту еден израелски претставник нема да присуствува на состанокот“, изјави таа.






